ЏЕЈН ФОНДА ЌЕ ДОБИЕ ЗЛАТЕН ГЛОБУС ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Легендарната американска актерка и активистка Џејн Фонда ќе биде почестена со наградата за животно дело на годинашните Златни глобуси. Осумдесет и тригодишната Фонда зад себе има блескава кариера која се протега низ шест децении, а последниве години е актуелна со комичната серија „Грејс и Френки“.

Наградата „Сесил Б. ДеМил“ ќе ја прими на 28 февруари во Беверли Хилс.

Фонда дебитираше на филм во 1960 година и потоа стана една од најпочитуваните актерки во Холивуд и освои два оскара. Златен глобус доби дури седум пати.

Таа исто така е позната по својот активизам, во 1960-ите жестоко се спротивставуваше на војната во Виетнам, а пред пандемијата често ја апсеа на протестите против климатски промени во Вашингтон.