„ЏОКЕР 2“ ДОАЃА ВО ОКТОМВРИ 2024 И ЌЕ БИДЕ МЈУЗИКЛ СО ХОАКИН ФЕНИКС И ЛЕДИ ГАГА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Продолжението на „Џокер“ доаѓа во кината на 4 октомври 2024, објави „Ворнер брос“, при што треба да биде доста различен од мрачниот оригинал. Потврдено е дека Хоакин Феникс ќе ја репризира насловната улога во „Joker: Folie a Deux“, за која освои Оскар за најдобар актер пред две години.

„Џокер“ имаше вкупно 11 номинации за Оскар, при што беше награден и за најдобра музика, а беше и голем хит во кината, заработувајќи над милијарда долари на светско ниво.

„Ворнер брос“ не откри други детали за филмот, додека „Вараети“ објави дека ќе биде мјузикл, а Леди Гага ќе ја игра соработничката на Џокер, Харли Квин. Тод Филипс ќе биде сценарист и режисер и на вториот дел.

Феникс собра извонредни критики за улогата на пропаднатиот комичар Артур Флек кој станува ладнокрвен убиец, што беше опишано како една од најморничавите изведби во модерниот филм. „Вараети“ објави дека Феникс ќе добие 20 милиони долари за вториот дел.