Кино благајните имаат нов крал и негово име е Џон Вик.
„Џон Вик: Парабелум“, третиот дел на супернасилната франшиза со Кијану Ривс, го симна „Одмаздници: завршница“ од тронот по три недели, откако на премиерата заработи 57 милиони долари во кино салите во Северна Америка. Тоа е речиси двојно повеќе од почетната заработка на вториот дел од 2017 година. Филмот заработи дополнителни 35,2 милиони долари во остатокот од светот.
Во четвртата недела од прикажувањето, „Завршница“ донесе приход од 29 милиони долари, со што го надмина „Аватар“ и со 771 милион долари стана вториот најуспешен филм на домашен терен. Пред него останува „Војна на ѕвездите: силата се буди“ со 936 милиони.
Глобално, „Завршница“ е на заработени 2,61 милијарда долари, со што само 170 милиони го делат од рекордот на „Аватар“.