ЕДИ МАРФИ Е ТРЕТИОТ БРАТ НА ШВАРЦЕНЕГЕР И ДЕВИТО ВО ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА „БЛИЗНАЦИ“

Лос Анџелес, (Диџитал спај)

Еди Марфи ќе глуми во продолжението на „Близнаци“, култната комедија од 80-ите години, кое ќе се вика „Тројка“. Тој неколку години наназад се врзува за овој проект и сега и официјално им се придружи на оригиналните „близанци“, Арнолд Шварценегер и Дени ДеВито.

Шварценегер потврди дека во филмот ќе глуми Марфи и дека сценариото е завршено.

„Чудна работа се случува при мешање на спермата“, се пошегува Шварценегер.

Во „Близнаци“, кој излезе во 1988 година, Шварценегер и ДеВито глумат браќа кои се наоѓаат по долги години, откако дознаа дека се одамна загубени близнаци, одвоени веднаш по раѓањето.

Во оваа фаза немаа многу детали за проектот, иако пред неколку години, режисерот на „Близнаци“, Иван Рајтман, кажа дека повеќе би сакал да го продуцира продолжението, отколку да го режира. Сепак, тој повторно е најавен како режисер на филмот, за кој сѐ уште не се знае кога ќе излезе.

Шварценегер неодамна најави дека во јуни ќе почне со снимањето на „Терминатор 6“, оставајќи малку место во неговиот распоред за продолжението на филмот со ДеВито.