Фанови маскирани во Лук Скајвокер, принцезата Леја, Дарт Вејдер и други препознатливи ликови од „Војна на ѕвездите“ дојдоа на светската премиера на „Подемот на Скајвокер“, последниот дел од третата трилогија, што се одржа синоќа во Холивуд. Тие со стоечки овации го наградија филмот, со кој по повеќе од четири децении се затвора сагата за Лук Скајвокер, една од најуспешните филмски франшизи на сите времиња.
Во публиката беа и главниот актер Марк Хамил, Харисон Форд и Стивен Спилберг, додека режисерот Џеј Џеј Абрамс призна дека бил „доста уплашен“ од проекцијата. Сепак, првичните реакции се одлични.
„Филмот е сѐ што се надевавме дека ќе биде и повеќе. Пресврти, акција, носталгија, беше многу емотивно“, изјави фанот Двејн Смит.
На синиот килим пред киното „Долби“ продефилираа и дроидите Ц-3ПО и Р2-Д2, Чубака и други ѕвезди од филмот, како Дејзи Ридли, Џон Бојега и Оскар Ајзак.
„Дизни“ плати повеќе од четири милијарди долари во 2012 година за да ја откупи франшизата „Војна на ѕвездите“ и новата трилогија се фокусираше на нова генерација ликови.
„Подемот на Скајвокер“ на 20 декември тргнува во поход на светските киноблагајни.