ФИЛМ БЕЗ ГЛУМЦИ НА ГОДАР ВЕЧЕРВА НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Le livre d'image, extrait

Новите филмови на Паоло Сорентино и на легендарниот Жан-Лик Годар се на денешниот репертоар на Фестивалот на европски филм Синедејс. Тие ќе бидат прикажани во рамките на Гала програмата во кино Милениум.

„Лоро“ на угледниот италијански режисер Сорентино е од 20 часот и станува збор за биографски филм за контроверзниот италијански бизнисмен Силвио Берлускони, кој е снимен во два дела.

„Сликовница“ (22.30 ч.) е 44. игран филм во кариерата на 87-годишниот Годар, за кој беше награден со Специјална Златна палма на годинашниот Кански фестивал. Филмот е сниман две години во неколку арапски земји и во него нема глумци.

Во кино Фросина ќе можат да се погледнат „Кога дрвјата паѓаат“ од Украина (19.30 ч.) и „Ана преку ден“ од Шпанија (21.15 ч.), а меѓу нив, од 21 часот, е краткиот македонски филм „Железната приказна“ во режија на Златко Калеников. Во филмот играат Моника Бошковиќ, Бајрам Северџан, Јелена Јованова-Периќ, Катина Иванова и Игор Спироски.

Во музичката програма во МКЦ од 23 часот ќе настапат два македонски бенда, „Ју“ од Скопје и „Анна О.“ од Кочани, кој ќе го промовира албумот „Гробот на еден робот“.