ФИЛМОТ НА ТАРАНТИНО СО БРЕД ПИТ И ЛЕОНАРДО ДИКАПРИО ОД ДЕНЕС ИГРА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш…во Холивуд“, еден од најисчекуваните филмови оваа година, со ретко голема ѕвездена постава, од денеска игра во скопските кина Синеплекс и Милениум.

Бред Пит, Леонардо ДиКаприо и Марго Роби се во главните улоги, а во филмот играат и Ал Пачино, Брус Дерн, Дакота Фенинг, Курт Расел, Лук Пери, Емил Хирш, Мајкл Медсен, Тим Рот, Лена Данам, Остин Батлер и Лоренца Ицо.

Бред Пит, Леонардо ДиКаприо и Ал Пачино (Фото: „Сони“)

„Новиот филм на Тарантино нѐ враќа во 1960-те години во златното доба на Холивуд и во екот на хипи-движењето. ‘Беше еднаш во Холивуд’ е вистинска холивудска приказна за еден актер и неговиот двојник, кои тргнуваат на пат за да го најдат своето место под сонцето во филмската индустрија.
Рик Далтон, поранешната ѕвезда на една вестерн серија и неговиот долгогодишен двојник Клиф Бат, во време на последните моменти од златното доба на Холивуд се обидуваат да дојдат до успех во градот, кој веќе не го препознаваат“, најавуваат кината.

Филмот имаше светска премиера во Кан годинава, во САД на крајот на јули, и досега во американските киносали заработи над 100 милиони долари.