ГЛЕДАЈТЕ ГО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЗА ДА ГО ЦЕНИТЕ ТОА ШТО ГО ИМАТЕ, ПИШУВА „ЊУЈОРКЕР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Скротување на природата“ е насловот на критиката на магазинот „Њујоркер“ за македонскиот документарец „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов.

Во онлајн изданието на критиката на Ентони Лејн стои дека „’Медена земја’ потсетува на тешката, исконска вистина за родителите, децата, алчноста, почитта и за потребата од внимателно искористување на ресурсите“. Критичарот препорачува филмот да се гледа во друштво на нервозни млади двојки или идни родители и притоа да се следат нивните реакции откако ќе видат во какви услови живеат децата од документарецот. Текстот ќе биде објавен и во печатеното издание на „Њујоркер“ на 29 јули.

Продуцентите соопштија дека филмот од 26 јули ќе игра во киносалите во САД. Во Скопје премиерно ќе се прикаже на крајот на август на фестивалот МакеДокс, по што ќе биде на редовниот репертоар во кината.

„Медена земја“, кој по триумфот на Санденс беше прикажан и награден на повеќе од 20 филмски фестивали, го очекуваат кинодистрибуции во Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандинавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореја, па сѐ до Австралија.

Документарецот во мај победи на фестивалот ДокАвив во Тел Авив и се квалификуваше во трката за Оскар.

На официјалната страница на филмот сѐ уште е актуелна кампањата за донација за протагонистите во филмот, Атиџе и номадското сточарско семејство на Хусеин и Љутвие со осум деца. Телефонските броеви за донации се 143-777 и 143-502, a на веб-страницата https://honeyland.earth/ е поставен линк, преку кој може да се нарача од нивниот мед.