ГО САКАМЕ КИНОТО – „НЕТФЛИКС“ ВРАТИ НА НАПАДИТЕ НА СПИЛБЕРГ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Стриминг гигантот „Нетфликс“ повторно беше нападнат од реномирани холивудски филмаџии, меѓу кои Стивен Спилберг, кои сакаат на негови филмови да им се забрани да учествуваат на Оскарите.

„Го сакаме киното, но со нашиот начин на пуштање филмови, им овозможуваме на луѓето полесно да ги гледаат, ако не можат да одат во киносали“, објави „Нетфликс“ на Твитер.

„Рома“, филмот на „Нетфликс“ во режија на Алфонсо Куарон, на последните Оскари имаше десет номинации, а освои три.

Спилберг е дел од Академијата за филмска уметност и наука, која одлучува за наградите. Според „Индиваер“, Академијата свикала состанок за овој проблем следниот месец. Тој уште лани изјави дека филмовите на „Нетфликс“ треба да се натпреваруваат за ТВ-наградите Еми, но не и за Оскарите.

Спротивно на својата политика, „Нетфликс“ пушти неколку негови филмови да играат во киносалите на неколку недели, за да можат да се квалификуваат за Оскарите.

„Немам ништо против ТВ-проектите, но најголем придонес на нас филмаџиите е што можеме на публиката да ѝ го овозможиме магичното искуство од киносалите“, рече Спилберг.