ГРАН-ПРИ ЗА ТУРСКИОТ „НЕЧУЕНИ РАБОТИ“ НА КИЛИЧ НА ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Нечуени работи“ во режија на Рамазан Килич од Турција доби Гран-при за најдобар филм на петтото издание на Галичник филм фестивал. На фестивалот се прикажаа 28 кратки филмови.

За наградите одлучуваше жири-комисијата во состав Ѓорѓи Јолевски, Тамара Котевска, Мартин Иванов и Жан Дакар.

Наградата за најдобра кинематографија ја доби Себастијан Вебер за „Нечуени работи“, наградата за најдобро сценарио ѝ припадна на Рејчел Волден од САД за филмот „Лимоново дрво“, а наградата за најдобра режија ја доби Ерик К. Булијана за филмот „Правење бебиња“ од Канада.

Ксавиер Ривард-Дези е најдобар актер за канадскиот филм „Кралеви“, а Улијана Золкина е прогласена за најдобра актерка за филмот „Лето со боровинки“, во режија на Маша Кондакова од Украина.