ГРЧКА ФИЛМСКА МУЗИКА ВО КЛУБОТ МКЦ СО БЕНДОТ НА ФОИВОС ДЕЛИВОРИЈАС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бендот на грчкиот музичар Фоивос Деливоријас вечерва од 20 часот ќе настапи во Клуб ресторанот МКЦ, во рамките на Фестивалот на грчки филм и култура во Скопје, кој почна синоќа.

Организаторот најавува дека бендот доаѓа со специјален репертоар за оваа прилика и ќе свири музика од познати грчки филмови. Тие ќе изведат перформанс со песни од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка, Америка“, „Јастог“ на Лантимос, филмови на Тео Ангелопулос, како и од стари популарни грчки мјузикли.

Бендот го сочинуваат виолинистот Антонис Сусамоглу, Џорџ Кацанос (мулти-инструменталист) и пејачот Нефели Фасули.

Фестивалот го организираат Здружението за промовирање на филмската уметност и култура „Арт синема Скопје“ и Меѓународниот филмски фестивал Киненова, под покровителство на Амбасадата на Грција.