ГРЕТА ГЕРВИГ ЌЕ ГО РЕЖИРА ФИЛМОТ „БАРБИ“ СО МАРГО РОБИ

Лос Анџелес, (Индиваер)

Грета Гервиг ќе ја режира комедијата на „Ворнер брос“, „Барби“ со Марго Роби во насловната улога. Веста за новиот проект на режисерката на „Мали жени“ и „Леди Бирд“ ја соопшти Роби во интервју за британски „Вог“.

„Играњето со оваа кукла промовираше доверба, љубопитност и комуникација. Почестена сум што ја добивам оваа улога, за која верувам дека ќе има неверојатно позитивно влијание врз децата“, изјави Роби.

Снимањето на „Барби“ беше најавено уште во 2019, и често се шпекулираше за режисерското име, откако во јавноста се појавија информации дека Гервид и нејзиниот сопруг Ноа Баумбах го пишуваат сценариото.

„Вараети“ објави дека Гервиг и Баумбах во моментов работат на филмот „White Noise“, во кој таа глуми, и дека откако ќе го завршат, во 2022 ќе почнат со снимањето на „Барби“. Премиерата се планира за 2023.