„Исцелител“, еден од најпопуларните современи македонски филмови, вечерва ќе има своја телевизиска премиера. Успешното деби на режисерот Ѓорче Ставрески ќе се прикаже на првиот канал на Македонската радиотелевизија од 21:30 часот.
„’Исцелител’ премиерно на МРТ1! Да ви залечиме некоја рана во карантинов со нашиот специјален рецепт“, напиша Ставрески на Фејсбук.
Црната комедија „Исцелител“, со Благој Веселинов и Анастас Тановски во главните улоги, е прв филм направен во македонско-грчка копродукција, а светска премиера имаше на Филмскиот фестивал во Солун во ноември 2017 година, каде што освои награда од публиката.