„Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои наградата за Најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули. За „Кајмак“, чија светска премиера беше пред две години, оваа меѓународна награда е осма по ред досега.
Фортеца е мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, а е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска каде лани Манчевски ја доби Наградата за достигнувања во филмот.
„Баш ми мило за ‘Кајмак’, си гази без гајле – локалната филмска мафија се утепа незаконски да нѐ блокира, а ние си редиме меѓународни награди, кај што они не ни припариле”, вели Манчевски.
„Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од неодамна во Шпанија, Португалија, а претходно и во Мексико, Аргентина, Бразил и Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Процесот на пласман продолжува и натаму, вели продукцијата на филмот.
„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.
„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.
„Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано!’ (работен наслов ‘Биста’). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International“, велат од прoдукцијата.