Специјално од Солун за СМАРТ СДК.МК: Марина КОСТОВА
Веќе 26 години, во почетокот на март Солун десет дена живее со Фестивалот за документарни филмови, а годинава за првпат филмџиите имаа можност да документираат и дел од актуелната реалност. Во неделата, во центарот на градот имаше голем протест против историскиот закон со кој на 15 февруари Грција стана првата православна земја што ги легализира истополовите бракови. Во саботата вечерта, пак, пред киното Олимпион каде се одвива главната фестивалска програма, имаше хулигански напад врз млади кои не ја кријат својата сексуална определба.
Солунскиот фестивал годинава ја слави историската промена, па и постерот е посветен на законската можност за истиполови бракови, а има и посебна програма со 33 филмови посветени оваа борба.
Во четирите селекции за награди, засега се издвојуваат два грчки филма, обата во главната се селекција Меѓународна конкуренција за Златен Александар, „Небараните“ на една од најренмираните грчки документаристи Маријана Економу, и „Некликабилно“, првиот документарец на реномираниот грчки автор Бабис Макридис.
„Небараните“ почнува со приказната на две работнички во шивалната на најстариот грчки санаториум за туберкулоза во Сотириа, за тоа како еден ден на крајот на 1980-те во голем контејнер пред болницата виделе исфрлени купишта куфери, писма и фотографии. Веднаш алармирале кај главниот лекар и ја спасиле драгоцената архива – писма, фотографии и лични работи на пациенти кои умреле во санаториумот во периодот од доцните 1940-ти до доцните 1970-ти години, а никој не ги побарал да ги земе ни нивните тела ни тоа што останало зад нив. „Туберкулозата беше затвор за нив“, вели една од вработените во санаториумот.
Економу во еден здив, низ личните приказни на многу од тие луѓе, низ исечоци од писмата што ги добивале, открива цел еден заборавен свет. Таа дури успева и да пронајде живи потомци на некои од починатите пациенти, кои сега се враќаат во санаториумот, но никогаш нема да дознаат каде се закопани нивните блиски оти биле погребувани во масовни гробници за кои нема точни податоци каде се. Многумина од потомците кои ги контактирала, вели Економу, веќе не ни сакаат за знаат каде се тие масовни гробници.
„Некликабилно“ на Макридис, е студија за огромните профити од онлајн рекламирањето во лажни вебсајтови кои сами генерираат лажни вести. За потребите на документарецот, тимот на Макридис креирал 7 вебсајтови со автогенерирани лажни вести кои за една година заработиле 117.000 долари. Криминалот со онлајн рекламирањето на лажни сајтови во светот сега е со најголем приход од криминал после трговија со дрога, велу Макридис. Документарецот дава акцент на фактот дека поради ова, каде ќе се рекламира е исто, ако не и поважно од тоа што се кажува во рекламната порака. Или, како што рече една од експертите, сега борбата веќе не е меѓу левица и десница туку меѓу информација и дезинформација. Колку е тоа развиен феномен, вели еден друг експерт, кажува и фактот дека и самите инженери во Гугл веќе не знаат како работи онлајн рекламирањето. Но, за опасноста од овој криминал кажува и фактот дека во 2022 по инвазијата на Русија врз Украина, на купишта вебсајти со лажни вести за војната за Украина има реклами и од Гугул и од Фејсбук.
Во „Борејќи се против демоните со змејови“, вториот филм на данската режисерка Камила Маџид, кој игра во селекцијата Новајлии, се открива една уникатна школска програма, интернатското школо Остерсков во Данска, каде тинејџери низ двегодишна настава чија специфика е играње улоги се справуваат со своите трауми. „Ние сме сите отпадници неприфатени такви какви што сме, и затоа сме заедница“, вели една ученичка. Филмот следи неколку ученици низ две школски години, и нивното драматично патување низ пубертетот, себеоткривањето и созревањето. „Не се случува често како наставник да пораснам во текот на наставата и јас да научам од ученик, но ти благодарам за тоа искуство. Јас веќе немам што да те научам тебе“, ѝ вели на крајот на школувањето еден наставник на генијална ученичка со многу таленти која страдала од анорексија. Маџид со многу емпатија и разбирање ги следи личните драми на овие деца и нивната отвореност да говорат и да се справуваат со своите трауми.
Во селекцијата Напреден филм игра и „Од Абдул до Лејла“ на француската режисерка Лејла Албајати, кој има необичен почеток, но за жал, се расплинува и ја губи поентата. Албајати го документирала своето искуство откако по една несреќа сосем ја изгубила меморијата, главно не се сеќава на луѓето и настаните, а за тие луѓе кои ги препознава не памети ништо. Меѓу тие луѓе е и татко ѝ, кој бил висок функционер во партијата на Садам Хусеин во Ирак, па откако паднал во немилост пребегал во Франција каде се оженил и изродил деца. На почетокот на филмот Албајати својата приказна ја раскажува пеејќи и со свои цртежи и слики, што на моменти заличува на чуден хибрид на документарен мјузикл. Но во продолжение, ќе тргне во многу правци истовремено, па ќе ги изгуби нитките на основната приказна и целиот филм станува речиси негледлив.
Солунскиот фестивал имаше и гала ноќ на Оскарите, со заедничко гледање на преносот од свеченоста во киното Олимпион. Овој настан беше во чест на Јоргос Лантимос, славниот грчки режисер оскаровец чиј „Кутрите“ имаше 11 номинации, но на крај освои 4 оскари од кој најважен беше за најдобра женска улога за Ема Стоун. Навивачката атмосфера во салата почна уште со преностот од црвениот оскаровски ќилим, кога секое појавување на Ема Стоун, Лантимос и други од екипата на филмот беше проследено со громогласни аплаузи од публиката.