КИНО ВО ИЗРАЕЛ ЌЕ СЕ ВИКА „ГАЛ ГАДОТ“

Ерусалим, (АФП)

Kино во северниот дел на Израел ќе биде именувано по актерката Гал Гадот, ѕвезда на холивудскиот блокбастер „Чудесна Жена”.

„Ќе го именуваме новото кино по Гал Гадот, израелска актерка која ѝ носи голема чест на оваа земја”, изјави портпаролката на градот Горен Назарет, Орна Осна Јосеф.

„Ова е порака за нашите млади луѓе, бидејќи Гал Гадот е пример за успех, која покажа дека сонот може да се оствари”, додаде таа.

Гадот (32 години) победи на натпреварот за Мис Израел во 2004 година на возраст од 18 години. По двегодишната задолжителна воена служба, таа влезе во модниот свет, па почна да снима филмови, пробивајќи се во Холивуд со улогата во „Брзи и бесни“ од 2009 година.

Минатата година, Либан и Тунис го забранија прикажувањето на „Чудесна Жена“ токму поради службата на Гадот во израелската армија.