КОМПОЗИТОРКАТА НА „ЏОКЕР“ ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ ОСВОИ СÈ

Лос Анџелес, (АП)

Исландската композиторка и челистка Хилдур Гуднадотир ноќеска ја заокружи својата историска жетва на трофеи откако го освои и Оскарот за најдобра музика за „Џокер“.

Триесет и седумгодишната Гуднадотир е прва жена по 22 години која славеше во оваа категорија и ова следува 140 денови откако освои Еми за музиката во серијата „Чернобил“. Во меѓувреме, таа успеа да ги собере сите големи награди, па за „Чернобил“ освои и Греми, а за „Џокер“ Златен глобус и БАФТА.

Нејзиниот триумф беше проследен со едноминутни овации од присутните во театарот „Долби“.

„До сите девојки, жени, мајки и ќерки кои слушаат музика однатре, ве молам, зборувајте. Мора да ги слушнеме вашите гласови“, кажа таа.

Хоакин Феникс кажа дека музиката на Гуднадотир била клучна во обликувањето на ликот на Артур Флек/Џокер.