МАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМОВИ „СТЕЛА“ И „ХОМО“ СО ПРЕМИЕРА НА 19. ИЗДАНИЕ НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Стела“ и „Хомо“ се двата македонски играни филма кои ќе имаат премиера на фестивалот на европски филм Синедејс, чие 19. издание почнува денеска. Фестивалот ќе се одржува на девет локации во Скопје: Градски парк, паркот кај Младински културен центар, паркот Ибни Пајко, паркот во Кисела Вода, кината Напредок и Маџари, дом на градежници „Кочо Рацин“ и покривот на Градски трговски центар.

Фестивалот го отвора токму „Стела“, вечерва во 20:30 часот во Градски парк. Во режија на Стојан Вујичиќ, тоа е првиот македонски семеен детски филм, а во главни улоги се младиот Петар Маниќ, Дејан Лилиќ и Христина Поповиќ.

Драмата „Хомо“ на Игор Иванов премиерно ќе се прикаже на последниот ден на фестивалот на 24 септември.

Официјалната селекција, која брои пет наслови, стартува утре со германскиот филм „Кожурец“. Севкупно, на фестивалот ќе можат да се гледаат 40 филмови.

Во рамките на Синемјузик ќе настапат „Љубојна“, „Зулу 3.4“ и ЗЏМ колектив со гудачки оркестар.