НЕ СЕ ЧУВСТВУВАМ КАКО ГУБИТНИК, МЕДИУМИТЕ ЈА ПРАВАТ ТАА ФАМА, ВЕЛИ ГЛЕН КЛОУЗ ПО ОСУМТЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

Лос Анџелес, (АП)

Холивудската актерка Глен Клоуз ги брани нејзините рекордни осум номинации за Оскар без ниту една победа и вели дека не се чувствува како губитник.

Минатиот месец, таа повторно изгуби и го израмни рекордот на Питер О’Тул, како актери со најмногу номинации во оскаровската историја, а без ниедна награда.

„Прво и основно, не се доживувам себеси како губитник. Кој може да е губитник во таа категорија? Таму сте, меѓу пет колеги кои се признати за нивната работа. Што е подобро од тоа“, вели таа во интервјуто за АП.

На социјалните мрежи колегите ѝ даваа поддршка со коментари дека е брилијантна и дека има исклучителна кариера.

„Искрено верувам дека медиумите се тие кои сакаат да има победници и губитници. Тие коментираат кој е најлошо облечен, кој има најлош говор. Јас велам, кој ги врти“.

Клоуз првпат беше номинирана за оскар уште во 1983 година.