Никол Кидман работи без престан во последниве години. Само во 2024, актерката, која е мајка на четири деца, се појави во три филма и три серии, а и оваа година веќе ѝ излезе еден филм.
Кидман одлучи да направи пауза од глумата до крајот на годината за да се одмори и да помине време со своите ќерки Сандеј и Фејт, кои ги има со сопругот Кит Урбан.
„Минатата година многу работев, ќе заминам на пауза до крајот на годината“, рече таа за „Холивуд рипортер“.
Ѕвездата ја откри својата одлука на Филмскиот фестивал во Тексас, каде што премиерно беше прикажан нејзиниот нов филм „Холанд“ (Holland), во кој глуми домаќинка во градот Холанд во Мичиген чиј совршен живот се распаѓа кога ќе открие чудна тајна.
Одлуката за повлекувањето на Кидман доаѓа по успешна година на професионален план, но и тажна. Нејзината мајка Жанел почина во септември, поради што не беше на Филмскиот фестивал во Венеција за да ја прими наградата за најдобра женска улога.
(Фото: Гети)