„НИНТЕНДО“ ЌЕ ПРАВИ АНИМИРАН ФИЛМ ЗА СУПЕР МАРИО

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Јапонската компанија за видеоигри „Нинтендо“ објави дека подготвува анимиран филм за својот најпознат лик, Супер Марио.

За да го оствари тоа, „Нинтендо“ ќе работи со американското студио „Илуминејшн“, кое стои зад големите хитови „Подлиот јас“ и „Миниони“.

„Нинтендо“ се обидува да ги искористи своите најпопуларни ликови за да профитира и надвор од светот на традиционалните видеоигри. Неодамна, Супер Марио доби и своја видеоигра за мобилни телефони.

Тој дури го украде шоуто на церемонијата на затворањето на последните Летни олимписки игри во Рио де Жанеиро, кога заедно со јапонскиот премиер ги најавија следните Игри во Токио.

Сепак, првиот обид на Супер Марио во Холивуд заврши неславно. Играниот филм „Браќата Супер Марио“ од 1993 година, со Боб Хоскинс и Џон Легуизамо во главните улоги, помина катастрофално на кино-благајните.

Бидејќи анимираната верзија е во рана фаза на подготовка, засега не е познато кој ќе му позајми глас на Супер Марио.