НОМИНАЦИИТЕ ЗА ОСКАР НАКЛОНЕТИ КОН АКТЕРИТЕ СО АЗИСКО ПОТЕКЛО – КИНА ЈА СЛАВИ МИШЕЛ ЈЕО, ВИЕТНАМ СО ДВАЈЦА ПРЕТСТАВНИЦИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Кинеските фанови ја слават оскаровската номинација на Мишел Јео за најдобра актерка, при што некои ја опишаа како „гордост на кинескиот народ секаде“. Јео е номинирана за главната улога во научно-фантастичниот хит „Сè секаде одеднаш“, што претходно ѝ донесе и Златен глобус.

Таа ќе биде првата Азијка која била прогласена за најдобра актерка доколку победи на 13 март. Јео, која е родена во Малезија, е и првата жена со кинеско потекло номинирана за Оскар за најдобра актерка.

Годинашните номинации за Оскар беа особено наклонети кон актерите со азиско потекло. Детската ѕвезда на „Гуниси“ и „Индијана Џонс“ од 1980-ите, Ке Хуј Кван, кој е роден во Виетнам, е номиниран за најдобра машка споредна улога за „Сè секаде одеднаш“, а неговата колешка Стефани Хсу, која има кинеско потекло, ќе се бори за Оскарот за најдобра споредна женска улога. Во оваа категорија, но за филмот „Кит“, е и 43-годишната виетнамско-американска актерка Хонг Чау, која е родена во бегалски камп во Тајланд.

Сепак, номинацијата на Јео е таа која беше примена со воодушевување меѓу Кинезите. Јео прво се прослави во хонгконшки акциони филмови, играјќи покрај Џеки Чен и Џет Ли, а во Холивуд се проби преку „Утрешнината никогаш не умира“ и „Притаен тигар, скриен змеј“. Во поново време се појави во „Луди богати Азијци“, „Ѕвездени патеки: Дискавери“ и „Шанг-Чи и легендата за десетте прстени“.