ОБЈАВЕНИ ПРВИТЕ ФОТОГРАФИИ ОД АНЏЕЛИНА ЏОЛИ КАКО МАРИЈА КАЛАС

Лос Анџелес, (Дедлајн)

По „Џеки“ и „Спенсер“, чилеанскиот режисер Пабло Ларејн повторно снима биографски филм, овојпат за грчката оперска дива Марија Калас. Во филмот со едноставен наслов „Марија“ главната улога ја игра Анџелина Џоли.

На социјалната мрежа Икс се појавија првите фотографии од Џоли како Калас.

Снимањето се одвива во Париз, Грција, Будимпешта и Милано (Фото: Икс)

„Марија“ ќе ја раскаже турбулентната, прекрасна и трагична животна приказна на најголемата оперска пејачка на светот, оживеана за време на нејзините последни денови во Париз во 1970-ите, велат продуцентите. Снимањето се одвива во Париз, Грција, Будимпешта и Милано.

Сценариото го напиша авторот на серијата „Пики блајндерс“, Стивен Најт, а костимите на Џоли во филмот се инспирирани од оригиналната облека што ја носела Калас.