Благој Веселинов синоќа стана трет македонски актер кој на Берлинскиот филмски фестивал ја примил наградата Шутинг старс, која, во изборот на Европската филмска промоција, се доделува на европски таленти во подем.

Триесет и четиригодишниот Веселинов, кој се прослави со главната улога во наградуваното режисерско деби на Ѓорче Ставрески „Исцелител“, притоа се најде во друштвото на уште девет млади актери и актерки од Ирска, Шведска, Полска, Данска, Германија, Норвешка, Исланд, Србија и од Естонија.

„Ова е неповторливо чувство, ви благодарам на сите од срце. И благодарност до Европската филмска промоција што нè поддржа и ни го овозможи ова неверојатно искуство“, напиша Веселинов на Фејсбук.

Претходно, оваа награда ја имаат добиено и Лабина Митевска (2009) и Наташа Петровиќ (2011).

„Нашите десет ‘шутинг старс‘ го добија заслуженото признание пред реномираната публика. Убави и гламурозни, секој од нив ја прими својата награда со голем аплауз“, соопшти Европската филмска промоција, која ги доделува овие награди 22 години.