ПАРИСКИ УЛИЦИ ЗАГЛАВЕНИ ВО 1942 ГОДИНА ОТКАКО КОРОНАВИРУСОТ ПРЕКИНА СНИМАЊЕ НА ФИЛМ

Париз, (Гардијан)

Две улици во Париз останаа заглавени во времето на нацистичка окупација откако пандемијата на коронавирусот прекина снимање на филм.

Продукцијата на филмот „Збогум господине Хафман“, чие дејство се случува во 1942 година, беше при крај кога француската влада прогласи карантин во земјата, па жителите на две улици на Монмартр сега како да живеат во друго време.

(Фото: ЕПА)

Екипата на филмот мораше да го напушти сетот, оставајќи зад себе старовремски дуќани и лажни фасади, исполнети со воена пропаганда, антикомунистички објави и знаци на германски јазик.

Црната комедија е адаптација на наградувана драма и зборува за еврејски златар кој е принуден да се крие во подрумот од својот дуќан кога Германците го окупираат Париз.