ПЕТ ФИЛМСКИ ЛЕГЕНДИ КОИ НЕ ДОБИЈА ОСКАР

Берлин, (Дојче веле)

Секоја церемонија на доделување на Оскари има повеќе губитници отколку победници. Овие пет европски икони на филмската уметност беа номинирани за посакуваната американска награда, но никогаш не ја добија.

Марчело Мастројани

Мастројани се проби со „Сладок живот” во 1960 година, во кој глуми со Анита Екберг. Во САД, Италијанецот беше еден од најпопуларните странски актери, играјќи во над 70 филмови. Мастројани трипати беше номиниран за Оскар, но никогаш не го доби.

Ричард Бартон

Велшкиот актер го привлече вниманието на Академијата со неговиот прв настап во холивудски филм, „Клансмен” (1952). Меѓутоа, кога беше соопштено името на победникот, тоа не беше неговото. Тој низ ова разочарувачко искуство помина седум пати во текот на кариерата. Бартон беше надминат само од Питер О’Тул, кој беше номиниран осум пати.

Марлен Дитрих

Друга ѕвезда која Академијата никогаш не ја наградила e германската икона Марлен Дитрих. Таа се прослави преку ноќ со германскиот филм „Синиот ангел”, кој ѝ го отвори патот кон Холивуд. За свој прв филм „Мароко” ја доби номинацијата, но не и Оскарот. И тоа беше тоа.

Алфред Хичкок

Чудесниот талент на британскиот режисер за предизвикување страв кај публиката засекогаш остана ненадминлив. Неговите трилери, вклучувајќи ги „Птици” и „Психо”, влијаеле на безброј режисери. И покрај петте номинации за Оскар, режисерот никогаш не беше крунисан. Хичкок на крајот доби Оскар за животно дело во 1968 година. 

Ридли Скот

„Осми патник” и „Истребувач“ се меѓу најуспешните научно-фантастични дела на сите времиња, но Скот беше номиниран за Оскар за четири други филма. Сепак, сѐ уште постои надеж за 80-годишниот Скот, бидејќи е сѐ уште активен. Неговиот најнов филм „Сите пари на светот” не му донесе номинација оваа година, но најавува повеќе проекти за годинава и за 2019 година.