Оскаровецот Питер Џексон објави дека ќе режира документарен филм за „Битлс“, при што ќе биде искористен досега невиден 50-часовен видеоматеријал, снимен во студио меѓу 2 и 31 јануари 1969 година. Тоа е периодот непосредно пред распадот на групата, односно додека го снимаат албумот „Let It Be“, што беше награден со Греми.
Овие снимки првично биле наменети за специјална ТВ-емисија и завршуваат со настапот на групата на покривот на седиштето на „Епл корпс“ во Лондон. Настапот се случил токму на денешен ден пред 50 години.
„Филмот ќе биде ултимативно искуство, за кое фановите на ‘Битлс‘ отсекогаш сонувале. Ова е како временска машина што нѐ враќа во 1969 година, како да седите во студиото и гледате четири добри пријатели како заедно прават одлична музика“, изјави Џексон, кој лани сними успешен документарец за Првата светска војна, „Тие никогаш нема да остарат“.
Џексон за правењето на новиот филм добил дозвола од Пол Макартни, Ринго Стар и од вдовиците на Џон Ленон и Џорџ Харисон.