ПОЧНУВА 8. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ „ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА“, НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА ЌЕ БИДЕ ОНЛАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Осмото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржува од денеска до 30 септември, а поради пандемијата, најголем дел од програмата ќе се одвива онлајн преку платформата „youth.mk“. Во вечерните часови ќе има пет филмски проекции во живо.

Фестивалот ќе почне во Кинотеката во 19 часот со италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“, најдобар филм за младата публика за оваа година, според Европската филмска академија.

„Овој фестивал веќе осум години е место каде што се презентираат актуелните филмови за деца и млади и главно место за дискусија за проблемите на младите, инспирирани од темите на филмовите. Преку креативни работилници, проекции на нови филмови создадени од младите и средби со познати личности, ова е место за дружење на младите од целиот град, целата земја и од десетина земји од Европа“, рече извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башевски.

Новата дигитална платформа „youth.mk“ ќе им овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн настани и да имаат интерактивни средби со гостите.

„Околу 300 ученици на возраст од 11 до 19 години од земјава и од 12 други држави ќе се дружат преку оваа платформа. Ќе бидат прикажани 16 играни и 35 кратки филмови“, рече Башевски.