ПРЕМИЕРАТА НА „ШЕРЛОК ХОЛМС 3“ ЗАКАЖАНА ЗА БОЖИЌ 2020

Лос Анџелес, (АП)

Речиси седум години по излегувањето на „Шерлок Холмс: Игра на сенки“, студиото „Ворнер брос“ најави дека третиот дел од франшизата доаѓа во 2020 година.

Студиото соопшти дека Роберт Дауни Џуниор ќе ја повтори улогата на легендарниот детектив, заедно со Џуд Ло, кој го глуми неговиот колега доктор Вотсон. Името на режисерот на „Шерлок Холмс 3“ допрва ќе биде објавено, но затоа веќе е закажан датумот на премиерата, што ќе се случи за Божиќ во 2020 година.

„Шерлок Холмс“ беше хит на кино благајните, кога излезе во 2009 година, само една година откако Роберт Дауни Џуниор се појави во „Ајрон Мен“. Продолжението следеше во 2011 година. Двата филма заедно заработија околу милијарда долари и беа режирани од Гај Ричи.