ПРИКВЕЛОТ НА „ЛУДИОТ МАКС“ ЌЕ БИДЕ НАЈГОЛЕМИОТ ФИЛМ ДОСЕГА СНИМЕН ВО АВСТРАЛИЈА

Сиднеј, (АП)

Приквел на филмската франшиза „Лудиот Макс“ со Ања Тејлор-Џој и Крис Хемсворт ќе се снима во Австралија, објавија продуцентите и режисерот Џорџ Милер на прес-конференција во Сиднеј. „Фјуриоза“ треба да излезе во средина на 2023 и се очекува да биде најголем филм некогаш снимен во Австралија, изјави премиерката на државата Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан.

„Ваков проект во мојата татковина за мене е остварување на сон, зашто пораснав со овие филмови. Навистина огромна чест. Голем притисок, но возбудлив притисок кој секако мотивира“, изјави Хемсворт.

Последниот филм од овој серијал „Патот на бесот“ излезе во 2015 и во најголем дел беше снимен во Намибија поради обилните дождови во Нов Јужен Велс. Ѕвездата на ТВ-серијата „Дамски гамбит“, Тејлор-Џој, ќе ја глуми помладата верзија на Фјуриоза, која во 2015 ја играше Шарлиз Терон.

Сценаристот и режисер Милер, кој заедно со Бајрон Кенеди ја почна франшизата во 1979 со Мел Гибсон, рече дека е благодарен што ќе може да го снима филмот во неговата родна земја.