Под мотото „Реалноста режира, а ние правиме филмови“, од денеска до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе се одржува 9. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс.

Отворањето е во 20 часот во Куршумли ан, во 21 часот ќе биде прикажан триминутниот чешко-кубанско-шпански филм „Вај-фај плаза Куба“ на Адријан Келтерборн, а по него американскиот „Кеди“ (80 минути) на турската режисерка Сејда Торун. Во 22.30 часот следи концертот на хип-хоп бендот „Џими Барка експириенс“ од Словенија.

Директорката на МакеДокс Петра Селишкар вели дека ќе се прикажат околу 70 филмови и ќе дојдат исто толку гости.

Филмовите ќе се прикажуваат во пет категории: Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска програма и Програма на етички идеи, која е новина на МакеДокс. Годинава, Земја во фокус е Полска, програма која се организира во соработка со Фондација Краков.