РЕТРОКИНО ПОД ОТВОРЕНО НЕБО ВО ПАРКОТ НА КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 20 часот, во паркот на Кинотеката ќе има проекции на неколку филмски класици снимени на класичните формати 16 мм и 35 мм.

„Со проекцијата на неколку странски и на еден домашен филм под отворено небо, Кинотеката ви дава можност да се потсетите на киноатмосферата за време на летните периоди во Скопје, каде што пред неколку децении постоеле неколку летни кина под отворено небо“, најавува Кинотеката и додава дека влезот е бесплатен.

Ќе се прикажат филмови на браќата Лимиер, како „Излегување на работниците од фабриката ‘Лимиер’ во Лондон“, кој во историјата се смета за прв филмски наслов. Трае 46 секунди, снимен е со техниката 16 сликички во секунда и има вкупно 736 сликички, а должината на филмската лента била околу 17 метри, колку што собирало во касетите на тогашните филмски камери.

Ќе има проекции и на 13-минутниот „Патување до месечината“ на Жорж Мелиес, „Кабинетот на докторот Калигари“ на Роберт Вине и „Македонска крвава свадба“ на Трајче Попов.