РЕЖИСЕРОТ БРАЈАН СИНГЕР ИЗБРКАН ОД ФИЛМОТ ЗА ФРЕДИ МЕРКЈУРИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Режисерот Брајан Сингер доби отказ од биографскиот филм за Фреди Меркјури, „Боемска рапсодија“, поради неговото „непредвидливо однесување“.

Ова го соопшти компанијата „20 сенчури фокс’, која кажа дека Сингер веќе не е режисер на филмот, што треба да излезе во декември наредната година.

„Главната причина што беше отпуштен е неговото постојано непредвидливо однесување на сетот“, изјави извор од продукцијата за Би-Би-Си.

„Холивуд рипортер“ претходно објави дека Сингер се скарал со главниот глумец Реми Малек и не се појавил на снимањето во неколку наврати.

Сингер тврди дека отказот го добил додека бил болен.

„Студиото не покажа волја да ми се приспособи додека бев болен. Разочаран сум што не можев да го довршам филмот, затоа што го правев со голема страст“, изјави тој.

Филмот се снима во Велика Британија, при што останатите членови на „Квин“ ги играат Бен Харди, Џо Мацело и Гвилим Ли.