Дваесет и второто издание на Фестивалот на европски филм Синедејс почнува вечерва, а отворањето и затворањето (на 18 јули) се во знакот на македонски премиери. Вечерва од 21 часот. во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се прикаже „М“ во режија на Вардан Тозија. Поради голем интерес, закажана е и втора проекција од 21:30 часот во киното Фросина.
Синедејс ќе го затвори Гоце Цветановски со македонската премиера на неговиот прв долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“.
Фестивалот годинава се одржува под слоганот „Муви најт“ на три локации: паркот зад МКЦ, киното Фросина и летното кино во Кинотеката. Ќе се прикажат над 40 филмови и ќе има над 50 гости.
„Во компактната програма ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров…, потоа новиот филм на Горан Столевски, а имаме и премиери на пет македонски кратки филмови“ , вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на Синедејс.
Во рамките на музичката програма ќе настапат „Културно-уметнички работници“, Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд „Визељ“.
Фото: Сашко Коцев и Матеј Сиваков во „М“ (Продукција „Фокус покус’)