СИНЕДЕЈС ОТВОРА СО ПРЕМИЕРАТА НА БОРЈАН ЗАФИРОВСКИ И ПОБЕДНИКОТ ВО КАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Осумнаесеттиот Фестивал на европски филм Синедејс почнува вечерва во 20 часот во киното Милениум, со премиерата на македонскиот филм „Ефектот на среќа“ на режисерот Борјан Зафировски.

Зафировски го пишувал сценариото со драматургот Дејан Дуковски, а продуцент е „Ново македонско видео“ на Сашо Пешев. Филмот ја раскажува приказната за младата девојка Леа, која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, започнува необична потрага по среќа и почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе. Филмот е поддржан со 260.000 евра од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Албанија и Центарот за филм на Косово.

Леа ја игра Дејана Попоска, Во филмот играат и Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Петар Арсовски, Јовица Михајловски и Мими Таневска. Снимател е Димо Попов.

„Годинава има неколку куриозитети на кои сме горди. Се радуваме на сите домашни филмови, придружувањето кон прославата на 50 години ‘Монти Пајтон’ и на новитетите кои ги воведуваме, како наградата за филмска музика“, вели Маргарита Арсова, главен програмски координатор на фестивалот.

Во 11 селекции (Гала премиери, Официјална селекција, СинеБалкан, Музички документарни филмови, МК во ЕУ, Земја во фокус – Швајцарија, Монти Пајтон, МК кратки, Студентска програма, Детска програма и Програма за млади) ќе има над 100 наслови, дополнето со работилници, предавања, мастер класови, концерти и диџеј сетови. Програмата ќе се случува во три киносали: Милениум, Фросина и Џебно кино во МКЦ.

По филмот на Зафировски, ќе се прикаже јужнокорејскиот трилер „Паразит“ на Бонг Јон-Хо, кој доби Златна палма во Кан годинава.