СО ДОЗВОЛА ОД ЕЛТОН ЏОН, ФИЛМОТ „РОКЕТМЕН“ ЌЕ ГО ПРИКАЖЕ НАЈЛОШОТО ОД НЕГО

Лондон, (Би-Би-Си)

Британскиот актер Тарон Еџертон вели дека тој ќе го покаже најлошото од Елтон Џон во новиот биографски филм „Рокетмен“, за што добил благослов од самиот пејач.

„Елтон Џон беше љубезен и отворен со авторите на филмот за својата зависност од дрога во 1980-ите, што овој филм ќе го направи поразличен од останатите биографски филмови. Тој лично ми даде дозвола на моменти да го направам грд во филмот“, изјави Еџертон.

„Рокетмен“, во кој уште глумат Џејми Бел и ѕвездата на „Игра на тронови“ Ричард Маден, ќе излезе во мај. Режисер на филмот е Декстер Флечер, кој го доврши „Боемска рапсодија“ откако Брајан Сингер доби отказ.

„Овој филм најдобро може да се опише како музичка фантазија. Елтон е нашиот раскажувач. Филмот почнува со сцената како Елтон оди на рехабилитација и ние од него учиме за неговиот живот додека тој седи во болничка соба. Елтон беше многу отворен и искрен за својот живот и ништо не криеше. Тоа е силата на овој филм“, додаде Флечер.