Италијанскиот режисер Паоло Сорентино ја претстави личната трагедија во својот нов филм „Божја рака“, кој имаше премиера на 76. Венециски фестивал. Филмот е за неговото растење во Неапол во 1980-ите, откако како тинејџер ги изгубил родителите.

Тој вели дека откако лани наполни 50 години конечно се почувствувал способен да ја сподели приказната за неговото големо, весело семејство и како неговиот живот се превртел наопаку по ненадејната смрт на родителите.

„Еден драг колега ми рече дека никогаш не сум снимил нешто лично. Можеби успеав сега, бидејќи сум на вистинската возраст. Сметав дека сум доволно стар и зрел да се соочам со толку личен филм“, изјави Сорентино.

Филмот е насловен по славниот гол на Диего Марадона против Англија на Светското првенство во 1986. Во него често се појавуваат снимки од аргентинскиот фудбалер, кој почина лани.

Сорентино имал 17 години кога отишол да го гледа Марадона како игра, а истата ноќ неговите родители починале од труење со јаглерод моноксид во семејната куќа на планина.

„Мислам дека Марадона имаше полубожествени моќи“, се пошегува Сорентино, додавајќи дека жали што не може да му го прикаже филмот на фудбалерот.