„Вознемирена Земја“ (Disturbed Earth), чија корежисерка е Кумјана Новакова, е еден од трите филма со кои беше отворена документарната програма на Сараевскиот филмски фестивал (13-20 август), а оваа проекција воедно беше и негова светска премиера. Тој се натпреварува во две категории, главната програма за документарни филмови и програмата за домашни филмови и е во конкуренција за наградите Срце на Сараево, Награда за човекови права и Специјална награда.
Освен Новакова, во селекциите за наградите Срце на Сараево се уште две македонски режисерки. Во програмата за кратки филмови светска премиера ќе има „Соло мод“ на Тамара Котевска (копродукција на Македонија, Турција и САД). По светската премиера и селекцијата за Златна палма во Кан, краткиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска ќе има регионална премиера во Сараево.
„Вознемирена земја“ е копродукција на Шпанија, БиХ и Северна Македонија. Автори се Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди, а снимен е во периодот од 2014 до 2020. Македонска премиера ќе има следната година.
Документарецот, како што најавува екипата, е поетско-есеистичка приказна за сегашноста, но и за минатото на Сребреница.
„Сребреница е тивко место во кое минатото ја заробило сегашноста. Чекор по чекор, колективната болка влегува во пејзажот, просторот и градот. На крајот, таа влегува во нас. Сребреница станува стварност на денешницата и наша сопствена стварност“, велат авторите.