СТАРТОТ НА БЕРЛИНАЛЕ ВО СЕНКА НА ПУКАЊЕТО ВО ХАНАУ

Берлин, (Дојче веле)

Еден од најпрестижните филмски фестивали, Берлинале, синоќа го отвори своето јубилејно 70. издание. Фестивалот почна со минута молчење во чест на жртвите на терористичкиот напад во германскиот град Ханау, во кој завчера загинаа девет луѓе. Потоа следеше премиерата на „Мојата година со Селинџер“ на канадскиот режисер Филип Фалардо. Главните улоги ги играат Сигурни Вивер и Маргарет Кволи.

Жирито го предводи британскиот оскаровец Џереми Ајронс (Фото: ДПА)

Британскиот оскаровец Џереми Ајронс e претседател на жирито, во кое се и актерката Беренис Бежо, продуцентката Бетина Брокемпер, режисерката Анемари Јасир, драматургот Кенет Лонерган, актерот Лука Маринели и режисерот Клебер Мендонса Филјо.

Берлинале ќе заврши на 1 март, а вкупно ќе се прикажат 342 филмови од 71 земја, од кои 88 се кратки. Осумнаесет филмови се во официјалната програма во трката за Златна мечка.