СТРИМИНГ СЕРВИСИТЕ ЈА ПРЕЗЕДОА ДОМИНАЦИЈАТА НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ, „НЕТФЛИКС“ ЌЕ СЕ БОРИ ЗА 42 НАГРАДИ

Лос Анџелес, (АП)

Стриминг сервисите одлично ја искористија катастрофалната година за филмските студија и киносалите, што дојде до израз и во номинациите за Златни глобуси, кои беа објавени вчера.

„Нетфликс“, кој и лани имаше повеќе номинации од сите студија заедно, ќе се бори за дури 42 награди, од кои 20 во филмски и 22 во телевизиски категории. „Менк“ и „Судењето на чикашките седуммина“, кои се во продукција на „Нетфликс“, се изборија за најмногу номинации – шест, односно пет, вклучувајќи и за најдобар филм (драма).

Благодарение на „Нетфликс“, Чедвик Боузман ја доби првата номинација за најдобар актер, за неговата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“. Најголемото признание во кариерата на Боузман доаѓа повеќе од пет месеци откако почина од рак на 43 години.

Серијата „Стјуардеса“ му ги донесе првите номинации за златен глобус на „Ејч-Би-О макс“, додека „Дизни+“ за првпат влезе меѓу номинираните со „Мандалорецот“. Добро поминаа и „Амазон“ и „Хулу“, кои имаат по десет номинации.