ТОЛКУ ЗДОДЕВНО ШТО И ЕНТОНИ ХОПКИНС ГИ ПРЕСПАЛ – ГЛЕДАНОСТА НА ОСКАРИТЕ ПАДНА ЗА РЕКОРДНИ 58 ОТСТО

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

За повеќе од половина паднала гледаноста на Оскарите, покажуваат статистиките кои излегоа по 93. доделување на најпрестижните филмски награди.

Свечената церемонија, која поради ковид пандемијата се одржа на повеќе локации, без водител и со изменети услови, ја гледале 9,85 милиони луѓе во САД, што е пад од 58% во споредба со ланските 23,6 милиони.

Интересот за настанот беше намален поради недостатокот на блокбастер филмови, како и уморот на публиката од ограничувањата и протоколите што ја следеа сезоната на награди. И покрај историските победи за Клое Жао, Ентони Хопкинс и Даниел Калуја, критиките се главно негативни.

„Шоу за ‘свои луѓе’ кое падна од сопствената тежина“, напиша сајтот „Индиваер“, додека „Ентертејнмент викли“ заклучи дека доделувањето било толку здодевно што ни Ентони Хопкинс не го гледал.

Легендарниот Велшанец призна дека дури откако се разбудил дознал дека го добил оскарот за најдобар актер.