Поранешниот Џејмс Бонд, Пирс Броснан, вели дека посакува Том Харди да ја игра насловната улога од славната филмска франшиза.
Во интервју за „Дејли мејл“, 65-годишниот актер го нарече Харди најсоодветен за улогата на Бонд.
„Мислам дека Том Харди може да биде одличен Бонд. Ќе бидам среќен ако го видам во таа улога. За неа треба актер кој може и да се напие малку – тоа е она што го прави Бонд”, вели Броснан.
Броснан, исто така, го пофали Даниел Крег за неговата главна улога во долгогодишниот филмски серијал. Крег по петти и последен пат ќе го игра Бонд во 25. филм, кој треба да излезе следната година.
„Даниел Крег е неверојатен Бонд. Изгледа одлично физички, изгледа убиствено. Вие навистина верувате дека тој може да убие човек”.
Броснан четири пати го играше британскиот агент, од 1995 до 2002 година.
„Мислам дека мојата игра на Бонд никогаш не беше доволно добра. Бев заглавен помеѓу Бонд на Шон Конери и Бонд на Роџер Мур. Мислам дека само во ‘Златно око’ бев добар Бонд“, призна тој.