„ТОП ГАН 2“ СТАНА ПРВИОТ ФИЛМ НА ТОМ КРУЗ КОЈ ЗАРАБОТИЛ 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА ОТВОРАЊЕТО

Лос Анџелес, (АП)

Топ ган: Маверик“ стана првиот филм на Том Круз кој заработил повеќе од 100 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето. Студиото „Парамаунт“ објави дека продолжението на големиот хит од 1986 заработило 124 милиони долари во северноамериканските кина, односно 248 милиони долари на глобално ниво.

Иако некои медиуми го опишуваат 59-годишниот Круз како „последната филмска ѕвезда“, неговите филмови многу ретко имаат отворања карактеристични за блокбастери. Пред „Маверик“, најдобриот старт го имаше „Војна на световите“ (2005) со 64 милиони долари, додека последниот филм од серијалот „Невозможна мисија“ заработи 61 милион во првите три дена.

Топ ган: Маверик“ имаше екстремно долг пат до кината: првично требаше да излезе во јуни 2020, но потоа уследија неколку поместувања поради пандемијата.