ТРИ МАКЕДОНСКИ ФИЛМА ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОВ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските филмови „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски и „М“ на Вардан Тозија, како и македонско-грчко-германската копродукција „Зад стоговите сено“, дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, ќе играат до крајот на јануари во Кинотеката.

„Домаќинство за почетници“ е третиот филм, а прв македонски на македонско-австралискиот автор Столевски. Ќе игра на 22 и 24 јануари од 20 часот, а на 25 и 26 јануари од 18 часот. На 6 септември имаше светска премиера на 80. Филмски фестивал во Венеција во програмата Хоризонти, при што ја освои една од паралелните награди Квир лав.

„Зад стоговите сено“, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, лани доби десет награди од Грчката филмска академија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Филмот ќе игра на 23 и 24 јануари од 18 часот, на 25, 26, 27, 29 и 30 јануари од 20 часот, а на 31 јануари од 18 часот.

Месечната програма се заокружува на 31 јануари од 20 часот со проекцијата на пост-апокалиптичниот филм „М“.

Фото: Сцена од „Зад стоговите сено“