Мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо доби ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд, и ги повика колегите имигранти да не подлегнуваат на стравот и поделбата во САД. Педесет и четиригодишниот двоен оскаровец е познат по филмовите со надреалени светови и чудовишта, како „Лавиринот на Пан“ и „Обликот на водата“.
Во говорот пред гостите, меѓу кои беа режисерот Џеј Џеј Абрамс и пејачката Лана дел Реј, тој рече дека стравот служи да ги подели луѓето, но дека тие поделби се „целосни фантазии“.
„Кога луѓето велат дека живеам во фантазија, јас велам: ‘Јас не, политичарите живеат во фантазија, црквите живеат’. Јас работам со факти за душата и приказните. Не им верувајте на лагите кои ви ги кажуваат за нас. Верувајте во приказните кои ги имате внатре во вас и верувајте дека сите ние можеме да придонесеме за промени“, рече режисерот.
Дел Торо го напуштил Мексико во 1998 откако неговиот татко бил киднапиран и било побаран откуп од 1 милипон долари. Дел Торо го исплатил откупот со помош на колегата, режисерот Џејмс Камерон.