„ВРБА“ СО МАРИОВО И ТРЕСКАВЕЦ ВО ТРКА ЗА НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБРА ФИЛМСКА ЛОКАЦИЈА ВО ЕВРОПА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски со Мариово и Трескавец е меѓу петте финалисти за наградата Најдобра филмска локација во Европа. Оваа награда ја доделува Европската мрежа на филмски комисии (ЕУФЦН), а прилепската област каде што се снимаше „Врба“ влезе во топ 5 во конкуренција на локации од 28 земји.

„Локацијата е апсолутно лик во приказната, така е во сите филмови на Манчевски. Има два вида динамика за тоа како употребата на локациите се доживува од публиката: македонската публика се гордее со неговите филмови и ги доживува и како дел од националниот идентитет, додека публиката во странство ги гледа филмовите на Манчевски и локациите како претставување на оваа мала земја, но и како нешто универзално“, вели продуцентот на „Врба“ Јане Ќортошев, во преставувањето на финалистот „Врба“.

На официјалниот сајт на ЕУФЦН е отворено гласање за петте финалисти, што трае до 12 јануари 2021, а за „Врба“ може да гласа на следниов линк.

Останати финалисти за наградата се: Банска Штјавница од словачкиот филм „Дракула“, езерото Резија од италијанскиот филм „Курон“, замокот Моритсбург од германскиот филм „Ангелите на Чарли“ и црквата Пажаисли и манастирскиот комплекс околу неа во Литванија од филмот „Катерина Велика“. Наградата на победникот ќе му биде врачена во февруари на Берлинале.

„Врба“ е македонскиот кандидат за Оскар за 2021 година. За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал освои пет награди, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми и настапи на над 20 фестивали на четири континенти.