ЅВЕЗДАТА НА „НЕТФЛИКС“ РЕГЕ-ЖАН ПЕЈЏ Е НОВ ФАВОРИТ ЗА УЛОГАТА НА ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (Индипендент)

Реге-Жан Пејџ, ѕвездата на новата хит серија „Бриџертон“, е нов фаворит да биде следниот Џејмс Бонд.

Пејџ ја освои светската публика со улогата на војводата од Хејстингс, Сајмон Басет, во историската драма на „Нетфликс“ и фановите сѐ повеќе апелираат тој да биде замената за Даниел Крег во улогата на британскиот таен агент.

Триесетгодишниот глумец е роден во Лондон од татко Англичанец и мајка од Зимбабве, каде што едно време и живеел. Тој минатата недела ја заинтригира јавноста откако на Твитер објави видео во костим на војводата, со пост: „Regency, royalty. Shaken and stirred”, алудирајќи на славната реплика од филмовите за Џејмс Бонд.

Други актери кои се поврзуваат со улогата на Бонд се Крис Хемсворт, Мајкл Фасбендер, Том Харди и Идрис Елба. Последниот филм со Крег премиерно треба да излезе во април.