Од денеска до недела, во Вевчани по осми пат ќе се одржува Фестивалот на народна култура Пображење, во организација на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
„Целта на овој фестивал е да ги афирмира македонските духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со културата и со традицијата на други земји и да ја збогати туристичката понуда на Општината“, вели претседателот на „Дримкол“, Тошо Чочороски.
На големата Летна сцена ќе настапат над 500 членови на фолклорни ансамбли од Македонија, Полска, Естонија, Чешка, Словачка, Литванија и од Куба. Најдобриот од нив ќе ја добие наградата „Чувари на изворната традиција“.
Фестивалот започнува денеска со вечер на етнолошки филмови, а во ликовната програма ќе учествуваат Славиша Секулоски и Марјан Стојаноски.