Новак Ѓоковиќ ја почна 311. недела како светски рекет број еден, со што постави нов рекорд во машкиот тенис. Тој минатиот понеделник го израмни рекордот на Роже Федерер и загарантирано е дека ќе остане на врвот на АТП-листата уште најмалку шест недели.
Српскиот тенисер првпат се искачи на врвот на 4 јули 2011, откако го совлада Жо-Вилфред Цонга во полуфиналето на Вимблдон, а потоа и ја освои титулата во дуелот со Рафаел Надал. Тој го почна петтиот престој на првата позиција на 3 февруари, а најдолгата низа во кариерата му траеше 122 недели, од јули 2014 до ноември 2016. Најниско падна во мај 2018, кога беше на 22. место.
На вечната листа после Ѓоковиќ и Федерер следуваат Пит Сампрас со 286 недели на врвот, Иван Лендл (270) и Џими Конорс (268).
„Навистина ме возбудува што одам по стапките на легендите и џиновите на овој спорт. Тоа што го заслужив моето место меѓу нив следејќи го мојот детски сон е прекрасна потврда дека сѐ е можно ако ги правиш нештата со љубов и страст“, изјави Ѓоковиќ.
Апсолутна рекордерка е Штефи Граф, која беше светски рекет број еден 377 недели, а пред Ѓоковиќ се и Мартина Навратилова со 322 и Серена Вилијамс со 319 недели.
Следната цел на Ѓоковиќ, како што најави претходно, е да го надмине рекордот на Федерер и Надал од 20 освоени гренд слем титули.