Уметницата Елена Гелева се претстави со 20-ина дела во Галеријата на Младински културен центар (МКЦ) на изложбата „Youclidean“, која се отвори на 18 ноември. Поставката содржи дела со различен формат, од големи до средни платна поделени на неколку изразни теми, од шематски, ритмички, преку стилизирани фигурации до апстракции.
„Поаѓам од англискиот јазик, изговорот на буквите Е и U напишани една по друга и изговорот на заменката you речиси не се разликуваат. Првите две букви од зборот Euclidean (Евклидова) ги одземам и ги заменувам со зaменката you (ти). Идејно, го позајмувам првиот постулат на Евклидовите ‘Елементи’: ‘Права отсечка може да спои кои било две точки’, за шеговито да го предлoжам единствениoт постулат на Youclidean: Kонсензус (права отсечка) може да спои кои било два набљудувачи (точки)“, вели уметницата.
Гелева ни рече дека еден од методите за воспоставување легитимитет на тврдењата во нејзината магистерска дисертација е примена на два вида анализа на одбрани слики. Секоја слика подлежи на примена на формална анализа (анализа на боја, плоха, композиција), но не секоја слика подлежи на иконографска анализа (препознавање на фигура во ликовното дело). Преку овие два механизма за набљудување ликовно дело пишувала за неколку слики на ликовниот уметник Душан Перчинков.
„Откако завршив со пишувањето на магистерската дисертација, си дадов задача да осмислам шаблон на ликовна композиција, чии елементи би биле предизвик за набљудување низ призмата на формалната анализа на ликовно дело, барем онака како што јас сум ја применила врз делата на господинот Перчинков. Во дела како ‘Кандило’ и ‘Шаховски фигури врз не љути се човече’ ако се примени формална анализа за набљудување дело онака како што ја применувам, за мене доаѓа до кочење во пишувањето. На овој начин почнав да градам еден ликовен јазик. Половина од делата на изложбата ”Youcledian’ наликуваа на шаблони. Делата со поголем формат сум ги сликала за да одморам од сликањето и цртањето шаблони“, ни изјави Гелева.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. Попов